Erbil Başay
14 Април 2019•Ажурирај: 16 Април 2019
БЕРЛИН
Муслиманите во Берлин, главниот град на Германија и во уште неколку други градови од Европа на минувачите им делеа рози во знак на соживот и зацврстување на меѓурелигискиот дијалог, јавува Anadolu Agency (AA).
Цел на кампањата под име „Повелете, јас сум муслиман“, во организација на движењето „Национално мислење“ (Milli Görüs-IGMG), е да се отстранат предрасудите кон муслиманите во земјите од Европа.
На неколку централни плоштади во Берлин, муслиманската младина им делеше рози на минувачите и брошури во кои можат да се пронајдат информации за исламот. Заинтересираните можеа да влезат во џамијата во Берлин и да слушнат предавања на кои се зборуваше за исламот.
Претседателот на Младинскиот центар, Ерхан Акбаш, во џамијата „Мевлана“ во Берлин рече дека е многу среќен поради кампањата која се организира веќе неколку години.
„Сакавме ова да биде убав гест кон луѓето со кои ги делиме улиците во нашиот главен град. На немуслиманите на нашите улици им дарувавме рози, ги повикавме во џамија за да им зборуваме за нашата вера“, рече Акбаш.
Истата кампања, освен во Германија, се одржа и во неколку градови во Холандија, Австрија и во други земји од Европа.