Barry Ellsworth
23 Февруари 2022•Ажурирај: 28 Февруари 2022
ТРЕНТОН (АА) ‒ Премиерот на Канада, Џастин Трудо, ја претстави првата рунда економски санкции кон Русија, еден ден откако Москва призна независност на двете самопрогласени проруски републики на истокот на Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на конференцијата за новинари, Трудо рече дека Канада силно го осудува потегот на рускиот претседател Владимир Путин во врска со Лугањск и Доњецк.
„Не се залажувајте. Ова е натамошна инвазија на суверена држава и апсолутно е неприфатлива. Провокациите на Русија се закана за мирот и безбедноста во светот“, рече Трудо.
Трудо рече дека „првата рунда“ санкции вклучува забрана за Канаѓаните да имаат какви било финансиски дејности со Лугањск и Доњецк. На Канаѓаните им е исто така забрането да извршуваат финансиски дејности со две руски банки.
Трудо рече дека Канада исто така ги санкционира сите членови на рускиот Парламент кои го следеле лидерството на Путин и гласале за признавање на двата сепаратистички региони.
Канадскиот премиер, исто така објави дека неговата земја испраќа 460 војници во Украина.
Русија ги призна украинските сепаратистички региони, таканаречените републики Доњецк и Лугањск. Лидерите на Европската Унија и НАТО, како и бројни држави, најостро го осудија чинот на Путин, ја повторија поддршката кон Украина и најавија заедничка реакција.