Barry Ellsworth
24 Декември 2021•Ажурирај: 27 Декември 2021
ТРЕНТОН (АА) - Канада ја исполни својата цел во однос на имиграција и прими 401.000 постојани жители во 2021 година, што е најголем број во нејзината историја, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Минатата година поставивме амбициозна цел. Денеска ја постигнавме“, рече во изјавата канадскиот министер за имиграција, бегалци и државјанство, Шон Фрејзер.
„Ова е историски момент за нашата земја, при што ги поздравуваме најголемиот број новодојденци во една година во нашата историја.“
Претходниот рекорден број примени имигранти беше 400.000, поставен во 1913 година. Но, тие рани имигранти беа главно од Британија и Европа. Бидејќи бројката од 401.000 не беше поделена на одредени земји, новодојденците во 2021 година беа од различни места, вклучувајќи ги Кина, Индија, Филипините, Нигерија, Иран и САД. Турција, исто така учествува во таа бројка со свои граѓани. На канадскиот попис во 2016 година, 63.955 лица се декларирале дека се со турско потекло.
Фрејзер рече дека поголемиот дел од новодојденците веќе биле во Канада со привремен статус. Додека многу земји „ги затвораат вратите за бегалците“, Канада им посака добредојде на имигрантите“, рече тој.
Секој трет канадски бизнис е во сопственост на имигрант, а секој четврт од новодојденците е здравствен работник.
„На Канада ѝ треба имиграција за да ја поттикне нашата економија, да го збогати нашето општество и да ја поддржи нашата постара популација“, се вели во соопштението. „Бизнис-експерти, експерти на пазарот на труд и економисти се согласуваат дека имиграцијата создава работни места, ги поттикнува иновациите и помага да се реши недостигот на работна сила.“
„Имиграцијата сочинува речиси 100 отсто од растот на работната сила во Канада, а до 2036 година имигрантите ќе сочинуваат до 30 отсто од населението во Канада“, рече Фрејзер.
Имигрантите се на клучните работни места поврзани со здравството во Канада, сочинувајќи 37 отсто од фармацевтите, 36 отсто од лекарите, 39 отсто од стоматолозите, 23 отсто од регистрираните медицински сестри и 35 отсто од медицинските помошници и од други медицински професии.