Ekipa
24 Декември 2021•Ажурирај: 24 Декември 2021
ДАККА (АА) - Најмалку 30 лица ги загубија животите во пожарот што избувна на патнички траект во Бангладеш, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лима Канам, претставничка на Штабот за противпожарна заштита и цивилна одбрана, за AA изјави дека во раните утрински часови избувнал пожар на патнички траект во реката Суганда на југот на земјата.
Канам информира дека за време на спасувачките напори пронајдени се изгорени тела на 30 лица, а спасени се 65 патници.
Истакнувајќи дека спасените патници имаат изгореници по телата, Канам рече дека продолжуваат активностите за пребарување и спасување на преживеаните во несреќата.
Канам изјави дека некои од патниците скокнале во реката кога забележале дека избувнал пожар на траектот.
Властите се загрижени од можноста да се зголеми бројот на загинатите.
Полицискиот службеник Калилур Рахман во изјава за медиумите рече дека траектот, кој во четвртокот вечерта тргнал од главниот град Дака со најмалку 500 патници, се движел кон регионот Баргуна.
Рахман информира дека голем број патници, скокајќи во реката, испливале на брегот и го преживеале пожарот.
Информирајќи дека повредените се наоѓаат на лекување во регионалните болници, Рахман рече дека сериозно повредените ќе бидат препратени во болниците во Дака.
Од Противпожарната служба соопштија дека истрагата за причините за избувнување на пожарот ќе започне по завршувањето на активностите за пребарување и спасување.
Во Бангладеш честа појава се несреќите со траект кои се користат многу во речниот и морскиот транспорт.