Serdar Bıtmez,Gülşen Topçu
09 Јули 2020•Ажурирај: 10 Јули 2020
КАТАР
Катарскиот министер за надворешни работи, Мухамед ал Абдурахман ал Тани, изјави дека единствено решение за либиската криза е поддршка на легитимната либиска Влада, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за надворешни работи на Катар се наведува дека министерот Ал Тани присуствувал на седницата за Либија одржана преку видеоконференција во Советот за безбедност на ОН (СБОН).
Ал Тани во обраќањето повтори дека е потребно да се пружи посилна поддршка на легитимната Влада на Либија.
„Стана јасно дека единствено решение на либиската криза е да се поддржи легитимната Влада и да се применат резултатите од Договорот од Сухејрат, Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН и резултатите од Берлинската конференција“, изјави Ал Тани.
Тој потсети дека Советот за безбедност на ОН претходно го прифатил Договорот од Сухејрат со кој Владата на национално единство на Либија е призната како единствено легитимно извршно тело во таа земја.
„Некои држави на почетокот го поддржуваа тој договор, но потоа го прекршија, пружајќи поддршка на опозициските групи против Владата“, изјави Ал Тани.
Договорот во Сухејрат е постигнат во 2015 година под покровителство на ОН, а со Резолуцијата неговата содржина ја одобри и Советот за безбедност на ОН. Со договорот е формирана Владата на национално единство на Либија која доби мандат на водење политичка транзиција и организирање дијалог меѓу паралелните парламенти во Триполи и Тобрук.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година кога од власта беше соборен и убиен Муамер ал Гадафи. Владата на национално единство на Либија со седиште во Триполи има поддршка од Обединетите нации и меѓународните заедници, додека Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно се поддржани од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Обединетите нации ја признаваат либиската Влада предводена од Фајез ал Сараџ, како легитимна власт на земјата, бидејќи Триполи се бори против милициите на Хафтар од април 2019 година, конфликт кој однесе над 1.000 животи.