Riyaz Khaliq Khaliq
26 Мај 2026•Ажурирано: 26 Мај 2026
Кина денес упати критики до Квад-алијансата, во која членуваат САД, Индија, Јапонија и Австралија, предупредувајќи ја групата да не се насочува против други земји, јавува Анадолу.
„Ние не поддржуваме ексклузивни ’мали кругови‘ или конфронтација на блокови и ниедна соработка не треба да ги нарушува довербата и соработката меѓу земјите во регионот“, изјави денес портпаролката на кинескиот министер за надворешни работи, Мао Нинг на брифингот за медиумите по состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на Квад.
„Од секогаш сме верувале дека соработката помеѓу земјите треба да помогне во унапредувањето на регионалниот мир, стабилност и просперитетот и дека не треба да цели кон ниедна трета страна”, додаде таа.
Министерот за надворешни работи на Индија, Субраманјам Џаишанкар ги пречека американскиот државен секретар Марко Рубио, австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг и јапонскиот шеф на дипломатијата Тошимитцу Мотеги во Њу Делхи, во улога на домаќин на разговорите.
Четирите земји најавија нови иницијативи во однос на поморскиот надзор, синџирите на снабдување со критични минерали и енергетската безбедност.
Министрите на земјите од Квад во својата заедничка изјава рекоадека „и понатаму се сериозно загрижени за ситуацијата” во однос на спорното Јужно Кинеско Море и Источно Кинеско Море.
„Го повторуваме нашето силно противење на какви било дестабилизирачки или унилатерални акции, вклучително и со употреба на сила или присила, кои ги загрозуваат мирот и стабилноста во регионот”, се наведува во соопштението.
Квадрилатералниот безбедносен дијалог, попознат како Квад, основан во 2007 година, последниве години ја прошири соработката во услови на зголемените тензии со Кина во Индо-пацификот.
Портпаролката, исто така, одговори на изјавите на секретарот на јапонскиот Кабинетот, Минору Кихара, кој рече дека јапонската „ексклузивно одбранбено ориентирана политика“ останува непроменета и ги отфрли тврдењата на Кина за јапонскиот неомилитаризам како неосновани.
Таа ја повика Јапонија да „извлече длабоки поуки од историјата, да ја почитува својата посветеност на мирот и да ја стекне довербата на своите азиски соседи и на меѓународната заедница преку конкретни дејства“.
„Тоа што Јапонија го прави е значително поважно од она што го кажува“, додаде таа.