Elvır Hodzıc
31 Јули 2022•Ажурирај: 01 Август 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Кинеската ракета вчера паднала на Земјата над Индискиот Океан, а од американската вселенска агенција НАСА тврдат дека кинеските власти не споделиле специфични информации за патеката, што биле потребни за да се утврди каде би можеле да паднат остатоците од ракетата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Командата на американските вселенски сили објави дека ракетата „Долг марш 5Б“ влегла во Земјината атмосфера над Индискиот Океан околу 12:45 часот по локално време.
„Сите вселенски нации би требало да ја следат утврдената најдобра практика и да дадат свој удел во споделувањето на овој вид информации претходно, за да се овозможи сигурно предвидување на потенцијалниот ризик од удар на остатоците“, соопшти Бил Нелсон, администратор од НАСА.
Корисниците на социјалните мрежи од Малезија објавија видеоснимка на предмети што наликуваат на остатоци од ракета.
„Aerospace Corp“, непрофитен истражувачки центар во близина на Лос Анџелес, кој е финансиран од американската Влада, објави дека било непромислено да се дозволи дел од ракетата, чија вкупна тежина изнесува 22,5 тони, неконтролирано да се врати на Земјата.
Кинеската амбасада во Вашингтон веднаш не го коментираше случајот, а кинеските власти минатата недела соопштија дека внимателно ќе ги следат остатоците на ракетата што паѓаат кон Земјата.