Necva Taştan Sevinç
26 Мај 2026•Ажурирано: 26 Мај 2026
Италијанската коалиција на десниот центар извојува клучни победи на локалните избори, задржувајќи ја власта во Венеција и победувајќи во Реџо Калабрија уште во првиот круг, додека централнолевичарската коалиција доминираше во неколку големи градови, покажаа резултатите што ги објави Скај ТГ24, пренесува Анадолу.
Резултатите беа оценети како поттик за десничарската коалиција на премиерката Џорџа Мелони, особено во Венеција, каде што се појавија очекувања за водство на централнолевичарската коалиција, по неуспехот на владејачкиот блок на неодамнешниот референдум за правосудството.
Во Венеција, Симоне Вентурини, поддржан од коалицијата на партијата Браќа на Италија на Мелони, победи во трката за градоначалник уште во првиот круг со освоени речиси 51 отсто од гласовите, со што избегна втор круг и го порази сенаторот од Демократската партија, Андреа Мартела, кој беше поддржан од широката коалиција на левиот центар, составен од реформистички групи, па сè до Комунистичката партија за обнова.
Ваквиот резултат ги демантираше предвидувањата за можно слабеење на владејачката коалиција откако опозициските партии укажаа на резултатот од референдумот за правосудството како на знак за раст на антивладиното расположение.
Централнодесничарската коалиција прогласи одлучувачка победа и во Реџо Калабрија, каде што Франческо Канизаро, заменик-претседател на пратеничката група на Форца Италија во Долниот дом на Парламентот, беше избран за градоначалник со 65,6 отсто од гласовите. Канизаро го порази вршителот на должноста градоначалник, Доменико Баталја, кој освои 24,7 отсто од гласовите.
Во Салерно, Винченцо де Лука, поранешен претседател на регионот Кампанија, се врати на функцијата градоначалник со освоени 58 отсто од гласовите.
Централнолевичарската коалиција забележа победи во неколку градови, меѓу кои Мантова, Пистоја, Авелино и Андрија, додека Матео Бифони ја задржа власта во Прато за широката прогресивна коалиција „Кампо ларго“.
Во Месина, градоначалникот Федерико Басиле од партијата Суд Чиама Норд предводена од поранешниот сицилијански регионален политичар Катено де Лука, беше повторно избран.
Во неколку општини, вклучително и Агриџенто и Арецо, за две недели ќе се одржи втор круг од изборите бидејќи ниеден кандидат не успеа да го освои потребното мнозинство во првиот круг.
Излезноста изнесуваше 60,06 отсто, што е пад за речиси пет процентуални поени во споредба со претходните локални избори што се спроведоа во речиси 750 општини и 18 провинциски центри.
Мелони упати честитки до новоизбраниот градоначалник и ги отфрли шпекулациите во поглед на слабеењето на владејачката коалиција.
„Па, дури и денес, толку најавуваниот колапс на десниот центар го одложуваме за утре“, напиша таа во објавата по соопштувањето на резултатите.
Лидерката на Демократската партија, Ели Шлајн, посочи дека резултатите од изборите потврдуваат дека прогресивните коалиции и понатаму се конкурентни во земјата.
„Овој исход, земен во целина и покрај сите карактеристики на локалното гласање, потврдува дека кога сме обединети како прогресивен блок, ние сме конкурентни“, изјави таа.
Поранешниот премиер Матео Ренци изјави дека е премногу рано да се извлекуваат заклучоци на национално ниво пред да заврши вториот круг од гласањето.