Seyit Aydoğan
27 Јуни 2021•Ажурирај: 28 Јуни 2021
ТОРОНТО
Одржана е комеморативна вечер за 751 дете чии коски беа пронајдени во неофицијалните гробници откриени на 24 јуни во подрачјето што му припаѓа на црковниот училиштен интернат „Маривал“ во канадската покраина Саскачеван, известува Агенција Анадолија (АА).
Комеморативната вечер, организирана од Првиот народен совет на Коусес, започна со молитва во домородечкиот шатор поставен во подрачјето во кое се наоѓаат откриените гробови.
Во текот на ноќта, што започна во 19:30 часот по локално време, беа запалени билки и смоли што мештаните ги сметаат за свети, а чадот од огнот беше разнесен во регионот.
Подоцна учесниците на комеморацијата станаа мирно во знак на почит кон жртвите и во тишина и молчеливо се молеа за починатите деца.
Учеството во молитвениот дел од комеморијалната вечер беше ограничено на 150 лица поради мерките против Ковид-19, а на другите учесници им беше дозволено да ја гледаат комеморацијата од далеку, под услов да одржуваат социјална дистанца.
Вечерта, кога часовниците покажаа 19:51 по локално време, беа вклучени 751 светло на Сончева енергија поставени во подрачјето на гробиштата во спомен на 751 дете.
Комеморијалната вечер заврши по обраќањето на говорниците.
- „Пред 10 години, верверички ископаа коски“
Џонатан Лерат, член на одборот на Првиот народен совет, на својот профил на социјалните мрежи објави дека првите коски на децата ги откриле во регионот пред 10 години.
Лерат во својата објава на социјалните мрежи наведува: „Пред околу 10 години, по завршената работа во Фабриката за вода во Коусес се враќав дома. Одев зад противпожарната станица која се наоѓа наспроти црквата што денес е изгорена. Наидов на неколку коски ископани од верверички. Му се јавив на еден мој близок постар човек. Тој рече ‘ова се детски коски’, ги собра и ги закопа со церемонија.“
Лерат објави и дека пронајдените коски биле на околу 10 метри зад црковниот училиштен интернат „Маривал“.
- Изгореа уште две цркви што ѝ припаѓаа на Католичката црква
Од друга страна, од пожарот биле уништени уште две историски цркви што ѝ припаѓале на Католичката црква во канадската покраина Британска Колумбија.
Канадската кралска коњичка полиција објави дека црквите во регионот Симилкамин биле зафатени од пламен и дека двете во потполност се уништени.
На 200 километри од црковниот училиштен интернат „Камлупс“, каде што беа пронајдени 215 детски коски, на 21 јуни беа запалени уште две историски цркви во покраината Британска Колумбија.
Полицијата објави дека инцидентот е сомнителен, наведувајќи дека во пожарот се користеле течни запаливи материи и дека пожарот во двете цркви избил истовремено.