Betül Yürük
15 Јануари 2020•Ажурирај: 15 Јануари 2020
ЊУЈРОК (AA) - Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) повика на итно ослободување на четири вработени во Агенцијата Анадолија (АА) кои се приведени во текот на синоќешниот упад во канцеларијата на АА во Каиро.
Меѓународната организација за заштита на новинарите соопшти дека го контактирала кабинетот на Главниот државен обвинител и информацискиот сервис во Египет за да добие повеќе информации за полициската операција, но дека се уште чека одговори од тие институции
„Новинарите кои работат во Египет не би требало да работат во страв дека ќе бидат искористени за политичките односи меѓу државите", порача координаторот на CPJ за Блискиот Исток, Шериф Менсур.
Од CPJ понатаму порачаа дека надлежните египетски власти треба итно да ги ослободат вчера приведените вработени на АА и да престанат да користат лажни обвинувања заради вознемирување и замолчување на медиумите.
Египетската полиција синоќа изврши упад во канцеларијата на АА во Каиро и приведе четворица вработени меѓу кои е и еден државјанин на Турција и ги однеле во непознат правец.
Полицијата при упадот ги исклучила камерите и ја прекинале интернет-врската. Полицајците вршеле претрес во канцеларијата до утринските часови, од вработените ги зеле пасошите, мобилните телефони и компјутерите и ги спречиле да контактираат.
Египетските институции до сега не образложија поради што новинарите се приведени и каде се однесени, без оглед на прашањата на адвокатот на АА и турската амбасада во Каиро.
Министерството за надворешни работи на Турција побара ослободување на вработените на АА и упадот во канцеларијата на АА го оцени како акт на насилство и показател на негативниот пристап на египетските власти кон демократијата и слободата на медиумите.
Турскиот министер за правда Абдулхамит Ѓул порача дека вработените на АА нелегално се приведени и побара нивно итно ослободување.
Гласноговорникот на Обединетите нации (ОН) Стефан Дујарич во Њујрк рече дека ОН се загрижени за секој извештај за апсења и приведувања на новинари и порача дека ОН ќе го истражи синоќешниот потег на египетските безбедносни сили.