Ahmet Gürhan Kartal
11 Јуни 2017•Ажурирај: 11 Јуни 2017
ЛОНДОН (АА) - Онлајн кампањата со барањето за оставка на премиерката Тереза Меј во Велика Британија ја поддржаа повеќе од 650.000 луѓе, а опозицијата остро се спротивставува на коалициски договор на владејачките конзервативци со северноирската Партија на демократски унионисти (DUP), јавува Anadolu Agency (AA).
Организаторите на кампањата „Тереза Меј треба да си поднесе оставка“, тврдат дека обидот за коалиција со Партијата на демократски унионисти претставува очајнички потег на премиерката да ја задржи власта на конзервативците во земјата.
Во екот на критиките на сметка на премиерката Меј, лидерката на северноирската политичка опција, Аријан Фостер, изјави дека во вторник во Лондон ќе се сретне со премиерката и лидерката на Конзервативната партија, Меј.
Таа за телевизијата „Sky News“ кажа дека е во Белфаст имала конструктивен разговор со претставникот на конзервативците Гевин Вилијамсон и дека ќе ги продолжат преговорите за коалиција со Меј со цел да помогне во зачувување на националната стабилност.
Од друга страна, лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, изјави дека и понатаму може и треба да стане премиер на Велика Британија. Изразувајќи уверување дека ќе постигне договор со други опозициски опции, Корбин истакна дека ќе се обиде од кралицата Елизабета да го добие мандатот за состав на новата британска влада.
„Имаме задача да се бориме против проблемите на сиромаштијата, нееднаквоста и недостатокот на правда во Велика Британија. Сакаме да им ставиме крај на мерките за штедење и да инвестираме во иднината, и тоа ќе го правиме“, рече Корбин во интервју за весникот „The Sunday Mirror“ (Сандеј мирор).
Истакнувајќи дека конзервативната влада на премиерката Меј го изгубила кредибилитетот и довербата, Корбин рече дека Лабуристичката партија е подготвена и за нови избори.
Со цел да се зајакне поддршката во парламентот пред почетокот на преговорите за излез од Европската Унија, премиерката Меј распиша вонредни избори во Велика Британија за 8 јуни, на кои го загуби мнозинството коешто го имаше, а потоа соопшти дека новата влада ќе ја формира со поддршка на северноирската Партија на демократски унионисти (DUP).
Според официјалните резултати, Долниот дом на Парламентот на Велика Британија ќе го сочинуваат 318 пратеници од Конзервативната партија, 262 од редовите на Лабуристичката партија, 35 пратеници од Шкотската национална партија, 12 од Либерал-демократската партија, десет мандата има северноирската Партија на демократски унионисти, а останатите 13 мандата им припаднаа на помалите партии.