Atila Altuntaş
04 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
СТОКХОЛМ (АА) - Во Стокхолм, главниот град на Шведска, се одржа Светската конференција за заштита на животната средина „Stockholm+50“, известува Агенција Анадолија (АА).
Конференцијата, која ја организираа владите на Шведска и Кенија во соработка со ОН, се одржа на 2 и 3 јуни.
На конференцијата присуствуваа генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, американскиот пратеник за клима, Џон Кери, и претставници на 129 земји, Светската трговска организација и Светската банка.
Шведската премиерка Магдалена Андерсон истакна дека Светската конференција за животна средина повторно е одржана во Шведска по 50 години.
Предупредувајќи на сериозните хемиски закани по животната средина, Андерсон ги повика светските лидери да преземат брзи чекори за донесување неопходни мерки на претпазливост.
Претседателот на Кенија, Ухуру Кенјата, го сврте вниманието на предизвиците со кои се соочуваат земјите во развој и ги повика богатите и развиените земји да ги исполнат своите обврски во поглед на финансирањето на климатските промени.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, исто така го повика човештвото да ја прекине самоубиствената војна против природата со употребата на фосилни горива. Апелираше земјите да вложуваат во обновливи извори на енергија и решенија засновани на природата.
„Губитокот на биодиверзитетот (биоразновидност) е закана за повеќе од 3 милијарди луѓе. Загадувањето и отпадот се причина за смртта на околу 9 милиони луѓе годишно“, предупреди Гутереш.
Организаторите објавија дека цел на конференцијата „Stockholm+50“ бил бргу и ефикасно да се дејствува во исполнувањето на ветувањата за климатските промени, биолошка разновидност и усвојување зелени планови за обновување.