Ayhan Şimşek
30 Март 2023•Ажурирај: 31 Март 2023
БЕРЛИН (АА) - Британскиот крал Чарлс Трети повика на посилна соработка меѓу Велика Британија и Германија во историскиот говор денеска пред германскиот Парламент (Бундестаг), јавува Анадолу.
„Многу ми значи мене и на мојата сопруга тоа што сме поканети во Германија на мојата прва посета во странство како крал“, рече тој, говорејќи на германски јазик.
„Посебно сум задоволен што можам да зборувам овде денес за повторно да ја потврдам посветеноста на пријателството меѓу нашите земји“, истакна.
Кралот Чарлс, кој престојува во тридневна државна посета на Германија, е првиот британски монарх кој се има обратено пред германскиот Парламент.
За време на говорот, тој истакна дека Велика Британија и Германија се обединети во одбраната на либералните и демократските вредности и во поддршката на Украина против Русија.
„Безбедноста на Европа и нашите демократски вредности беа под закана. Но, светот не стоеше и не гледаше само отстрана“, рече тој, додавајќи дека Велика Британија и Германија денес се двата најголеми поддржувачи на Украина.
„Ние сме ужаснати од страшното разорување што го видовме, но дозволете ни да добиеме храброст од нашето единство во одбраната на Украина, одбраната на слободата и одбраната на демократијата“, порача Чарлс.
Неговиот говор доби долг аплауз од членовите на германскиот Кабинет, пратениците и останатите гости.