Mazin Majeed Asaad Baqal
20 Август 2019•Ажурирај: 21 Август 2019
БАГДАД (АА) - Германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, истакна дека ќе продолжат да го поддржуваат Ирак во борбата против тероризмот во рамките на меѓународната коалиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Крамп-Каренбауер, по посетата на Јордан, пристигна во Багдад, каде што се состана со нејзиниот ирачки колега Неџах еш-Шемери.
На заедничката прес-конференција одржана по средбата, Крамп-Каренбауер истакна дека ќе продолжат со разузнавачката поддршка за Ирак во борбата против тероризмот, а исто така дека ќе продолжи и логистичката поддршка.
Истакнувајќи дека со нејзиниот колега Шемери разговарале за воената соработка и обуката на ирачките безбедносни сили, таа рече:
„Германија е дел од меѓународната коалиција и така ќе остане. Ние како Германија, ќе продолжиме да ја поддржуваме Ирачката армија“.
Во врска со присуството на терористичката организација ДЕАШ во Ирак, германската министерка Крамп-Каренбауер нагласи: „Точно е дека воените операции завршија, но ДЕАШ сепак постои. Ние сме подготвени да му помогнеме на Ирак да го победи тероризмот.“
Ирачкиот министер за одбрана, Шемери, зборуваше за операциите на безбедносните сили против „притаените ќелии“ на терористичката организација ДЕАШ во пустинските региони во покраината Анбар.
Германската министерка, во рамките на нејзината посета на Ирак, се состана со премиерот Адил Абдулмехди, а се очекува да се сретне и со претседателот Берхем Салих, а потоа ќе го посети и Ербил.
Портпаролот на германското Министерство за одбрана, Јенс Флосдорф, во неговата изјава во мај истакна дека Германската армија ги прекинала своите активности за обука во Ирак и додаде: „Не значи дека таа (активноста за обука) нема да започне повторно во наредните денови.“
Се истакнува дека во рамките на воената обука на ирачките безбедносни сили во Ирак се наоѓаат околу 160 германски војници.