Elena Teslova
16 Јануари 2025•Ажурирај: 17 Јануари 2025
МОСКВА (АА) - Русија го поздрави договорот меѓу Израел и палестинската група Хамас за прекин на огнот во Газа и ослободување на заложниците, што треба да стапи на сила в недела, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јавува Анадолу.
Говорејќи на брифингот со новинарите во Москва, Песков истакна дека Русија не учествувала во преговорите што доведоа до договорот.
Сепак, тој рече: „Секое решение што ќе донесе прекин на огнот, што ќе ги ублажи страдањата на луѓето во Газа и ќе ја зајакне безбедноста на Израел е нешто што можеме само да го поздравиме“.
Тој нагласи дека би било прерано да се упатат честитки до инволвираните страни.
„Да почекаме процесот да биде целосно финализиран“, забележа тој.
Претходно синоќа, катарскиот премиер и министер за надворешни работи Мухамед бин Абдул Рахман ал Тани објави дека напорите за посредување на Доха, Каиро и Вашингтон довеле до договор меѓу Израел и Хамас.
Договорот вклучува ослободување на израелските заложници во Газа и палестинските затвореници, како и спроведување на прекин на огнот во Газа.