Dmitri Chirciu
14 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
МОСКВА (АА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека одбивањето на Украина да влезе во НАТО ќе помогне да се формулира одговор на загриженоста на Русија за безбедносните гаранции, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за медиумите во главниот град Москва, Песков ги оцени изјавите на амбасадорот на Украина во Лондон, Вадим Пристајко, дека Украина „може да се откаже од чекорот за влез во НАТО за да избегне можна војна со Русија“.
Осврнувајќи се на преговарачкиот процес меѓу Русија со САД и НАТО за безбедносните гаранции, Песков рече: „Се разбира, чекорот за формално отфрлање на идејата на Украина за пристапување во НАТО значително ќе помогне да се формулира позначаен одговор за загриженоста на Русија.“
Дмитриј Песков, наведувајќи дека администрацијата на Киев реагирала на изјавите на Пристајко, рече: „Ова не може да се смета како дефинитивен факт за промена на ставот за надворешната политика на Киев. Знаеме дека во Уставот на земјата се наведени сосема различни цели.“
- „Амбасадорот погрешно ја формулирал реченицата“ -
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Украина, Олег Николенко, на прес-конференција изјави дека амбасадорот Пристајко „неправилно ја формулирал реченицата“ и рече дека „членството на Украина во НАТО е вклучено во Уставот и не може да се донесе никаква противуставна одлука“.
Посочувајќи дека Украина сè уште не е членка на НАТО или на која било друга безбедносна алијанса, Николенко рече: „Затоа, безбедносните гаранции се најважното прашање за нашата земја. Се разбира, најдобра гаранција би била итен прием на Украина во НАТО.“
Амбасадорот на Украина во Лондон, Вадим Пристајко, во интервју за британската телевизија „Би-би-си“ (BBC) нагласи дека неговата земја може да се откаже од чекорот за влез во НАТО за да избегне можна војна со Русија.