Burç Eruygur
20 Март 2025•Ажурирај: 21 Март 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Кремљ денес ја обвини Европа дека се милитаризира до тој степен што се претворила во „воена партија“, јавува Анадолу.
„Европа досега толку многу се милитаризираше што практично се претвори во воена партија“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пред новинарите во Москва.
Тој нагласи дека Русија секојдневно слуша различни сигнали од Европа, но дека тие главно се однесуваат на планови за натамошна милитаризација на Блокот.
Песков оцени дека ваквиот пристап е „јасно спротивен на ставот на претседателите на Русија и САД, кои бараат начини за влегување во процес на мирно решавање“.
Тој додаде дека Москва не добила никакви сигнали од Брисел во врска со подготвеноста за започнување на преговарачки процес.
Осврнувајќи се на претстојната средба меѓу техничките групи на Русија и САД, Песков истакна дека разговорите ќе се одржат „во наредните денови“ и дека ќе вклучуваат теми како Украина и можноста за повторно активирање на Иницијативата за жито од Црното Море.
„Претседателите разговараа и за обновување на иницијативата за Црното Море (за време на нивните разговори во неделата). Има многу нијанси што треба да се дискутираат“, рече Песков, додавајќи дека тие ќе бидат дел од претстојните разговори.
Тој посочи дека Русија ќе ги именува своите претставници за разговорите во соодветно време.