Ayhan Şimşek
31 Март 2022•Ажурирај: 01 Април 2022
БЕРЛИН (АА) - Лекарите од германските болници денеска стапија во еднодневен штрајк за подобри плати и услови за работа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Лекарскиот синдикат „Марбургер Бунд“ соопшти дека штрајкот се одржува во 460 болници низ земјата, но службите за итна помош ќе останат во болниците во текот на денот.
Повеќето планирани операции и амбулантски прегледи беа откажани.
Синдикатот, кој претставува околу 55.000 доктори, бара зголемување на платите за 5,5 проценти, како и промена на долгите смени и дежурства.
Д-р Сусане Јона, раководителката на „Марбургер Бунд“, за локалните медиуми изјави дека исцрпувачките и стресни услови станале неподносливи за многу доктори.
„Во некои болници, условите за работа се толку лоши што докторите даваат отказ, започнуваат сопствена медицински пракса или работат како вработени во центрите за медицинска нега“, рече таа за „Редактионснетзверк Дојчланд“ (RND).
„Бранот на коронавирусот, исто така резултира со поголем обем на работа и стрес за докторите, особено за оние одговорни во одделенијата за интензивна нега и во ургентините одделенија“, додаде таа.