Zehra Nur Düz
10 Ноември 2020•Ажурирај: 11 Ноември 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Шестиот круг на состаноци на Заедничката воена комисија 5+5 меѓу претставниците од Либиската Армија поврзана со легитимната либиска Влада и силите поврзани со Калифа Хафтар започнаа денес во градот Сирт, известува Агенција Анадолија (АА).
Состаноците, кои ќе се одржат со учество на Мисијата за поддршка на ОН во Либија (UNSMIL), ќе завршат на 13 ноември, соопшти мисијата.
За време на состаноците, страните ќе дискутираат за имплементирање на договорот за траен прекин на огнот постигнат во Женева на 23 октомври и воспоставување на поткомитети за надгледување на повлекувањето на странските милиции.
На 23 октомври, специјалниот пратеник на ОН во Либија го објави потпишувањето на договорот за прекин на огнот меѓу делегациите на двете главни завојувани страни во земјата како резултат на разговорите на Заедничката воена комисија 5 + 5 кои започнаа на 19 октомври.
Стефани Турко Вилијамс, која е на чело на UNSMIL, рече дека либиските партии постигнале договор за „траен“ мир во целата земјата.
Вилијамс рече дека според договорот, сите платеници и странски борци во земјата треба да ги напуштат либиските територии во рок од три месеци.
Минатата недела, Заедничката воена комисија 5 + 5 се согласи за воведување на траен прекин на огнот во Либија. Договорот беше постигнат на состанокот што се одржа во градот Гадамес на југо-запад, на кој исто така се формираше воен поткомитет.
На состаноците на воениот комитет во Гадамес „постигната е согласност за преземање конкретни чекори за спроведување на договорот за траен мир“, се вели во соопштението на UNSMIL.