Ekip
25 Февруари 2020•Ажурирај: 26 Февруари 2020
ТРИПОЛИ (АА) - Пет цивили, вклучувајќи и три деца, се повредени во минофрлачки напад од страна на нелегитимните сили од источниот дел на Либија, предводени од Калифа Хафтар, врз главниот град Триполи, соопшти Владата на Либија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Цивилите се повредени кога граната го погодила квартот Абу Салим во главниот град синоќа“, се наведува во соопштението на владиниот Медиумски центар.
Меѓународно признатата Влада на национално единство (GNA) во Триполи е цел на напади од страна на силите на Хафтар од април, при што повеќе од 1.000 животи се загубени во насилството.
Либија е упориште на длабока политичка и безбедносна криза од 2011 година, кога беше соборен Муамер Гадафи од власт. Оттогаш траат тензиите во двата спротивставени табори. Владата на национално единство со седиште во Триполи ја има поддршката од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека Калифа Хафтар од Тобрук ги предводи нелегитимните сили кои главно ги поддржуваат Египет и ОАЕ.
Сепаратистичките сили на Хафтар од април минатата година изведуваат напади со цел заземање на Триполи.
На повик на лидерите на Турција и Русија, Ердоган и Путин, во Либија на 12 јануари е воспоставено примирје. Мировните преговори минатата недела во Москва не резултираа со потпишување договор за трајно примирје, бидејќи Хафтар ги напушти преговорите.