Rabia İclal Turan
19 Февруари 2021•Ажурирај: 20 Февруари 2021
АНКАРА
Лидерите на земјите од Г7 денеска ќе се состанат преку видеолинк и ќе дискутираат за меѓународната соработка во дистрибуцијата на вакцини и закрепнувањето од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Велика Британија, која е претседател на групата Г7 оваа година, ќе биде домаќин на виртуелниот состанок кој ќе се одржи денеска, а кој претставува прв состанок на лидерите на Г7 од април 2020 година, пред Самитот кој треба да се одржи оваа година во периодот од 11 до 13 јуни во Корнвел, југоисточна Англија.
Според објавата на социјалната мрежа Твитер од страна на Претседателството на Велика Британија на Г7 2021 година, британскиот премиер Борис Џонсон ќе ги охрабри лидерите на Г7 да дадат повеќе за глобалните вакцинации, при што тој се обврза Велика Британија да го понуди вишокот вакцини на системот „Ковакс“ за поддршка на земјите во развој.
Тој исто така ги повика лидерите да го поддржат договорот за подготвеност за пандемијата преку СЗО, додека основен дел од програмата на претседателствувањето на Велика Британија со Г7 е спречување на идни здравствени кризи.
Виртуелниот состанок ќе биде исто така и прв состанок на американскиот претседател Џо Бајден со глобалните лидери по преземањето на неговата функција, на кој ќе се дискутира за глобалните напори за вакцинација против Ковид-19, економијата и Кина.
Групата Г7, група на најголемите светски економски сили, ја сочинуваат САД, Канада, Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Јапонија. Русија, исто така беше дел од групата од 1998 година, која тогаш беше именувана како Г8, но земјата беше отстранета во 2014 година поради анексијата на Крим од Украина.