Yusuf Özcan
25 Февруари 2018•Ажурирај: 26 Февруари 2018
ПАРИЗ (АА) - Францускиот претседател, Емануел Maкрон, и германската канцеларка, Ангела Меркел, најавија дека ќе разговараат со рускиот претседател, Владимир Путин, за спроведување на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) за едномесечниот хуманитарен прекин на огнот во подрачјето на Источна Гута, Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Елисејската палата доцна синоќа ја поздравија одлуката на Советот за безбедност за итно воспоставување на примирје во Источна Гута, каде што цивилите во последниве неколку месеци беа цел на брутални напади од страна на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Во соопштението се наведува дека примирјето е важно за стопирање на егзодусот на цивилите, за доставување на хуманитарната помош и евакуација на ранетите и болните.
„Тоа беше првиот и неизбежен чекор. Во наредните часови и денови ќе работиме на негово спроведување. Конвоите со хуманитарна помош и лекови мораат итно да бидат доставени до цивилите на кои им се најмногу потребни“, се вели во соопштението од Канцеларијата на францускиот претседател.
Макрон и шефицата на германската влада, Меркел, од денес најавија дека ќе имаат постојани контакти со рускиот претседател Путин, со цел што подобро да се спроведе примирјето и да се забрза процесот на воспоставување на мир во цела Сирија.
Шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дриан, во вторник ќе отпатува во официјална посета на Москва, а една од главните теми во разговорите со руските официјални лица ќе биде токму ситуацијата во Сирија.