ПАРИЗ
– Јусуф ОЗЏАН
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, со поразот што го претрпе на локалните избори се здоби со голема рана пред претседателските избори, што ќе се одржат по две години, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во вториот круг од локалните избори, што се одржаа вчера во Франција, беа избрани вкупно 34.967 општински претставници. 60 отсто од гласачите не излегоа на гласање, што претставува историски рекорд. На локалните избори во 2014 година, 37,87 отсто од гласачите не излегоа на гласање.
Макрон, кој по доаѓањето на претседателската функција во 2017 година се соочи со повеќе кризи што не успеа да ги надмине, им придаваше важност на локалните избори со цел да зајакне од политички аспект. Но, партијата на Макрон, „Републиката напред!“ (РЕМ), претрпе пораз на изборите. Кандидатите на РЕМ ги изгубија изборите во поголемите градови како Париз, Марсеј и Лион. РЕМ успеа да победи само во три општини.
По ова, се вели дека Макрон ќе се фокусира на претседателските избори што ќе се одржат во 2022 година. Макрон ја изгуби поддршката на поголемиот дел од граѓаните поради неговите политики во земјата, како и поради тоа што не успеа да ја менаџира кризата предизвикана од новиот вид коронавирус (Ковид-19). Во случај Макрон да биде кандидат на изборите, се претпоставува дека тешко ќе ги убеди гласачите. Така се јавува љубопитност како Макрон до 2022 година ќе управува со Франција, која се соочува со економски и општествени проблеми.
- Зелените водат на изборите
Партијата на зелените (ЕЕЛВ) води во вториот круг од изборите. ЕЕЛВ, која во некои градови е во коалиција со левичарските партии, победи на изборите во Лион, Бордо, Стразбур, Поатје, Тур, Анси, Безансон и Марсеј.
Францускиот премиер, Едуар Филип, како независен кандидат учествуваше на изборите во Општина Авр, каде што победи освојувајќи 58,83 отсто од гласовите. Филип треба да одлучи дали ќе ја преземе новата функција како градоначалник на Авр или пак, ќе продолжи со премиерската функција. Поради политичките практики во земјата, функциите премиер и градоначалник не може да се вршат во исто време.
Од друга страна, партијата Републиканци (ЛР) успеа да ги задржи општините во кои победија на претходните избори. Исто така, ЛР успеа да победи и во Општина Лорен, која од 1965 година е управувана од страна на Социјалистичката партија (ПС).
- Париз продолжува со иста градоначалничка
На изборите во Општина Париз со освојување на 49,3 отсто од гласовите победи кандидатката на Социјалистичката партија (ПС), Ан Идалго, која е моменталната градоначалничка на Париз. Кандидатот на „Републиката напред!“, Ањес Бузин, која беше поранешна министерка за здравство, освои 13,3 отсто од гласовите, и не беше избрана ниту како член на Советот.
На изборите во Општина Перпињан, со освојување на 53,1 отсто од гласовите, победи кандидатот на екстремно десничарската Партија на национално единство (RN), Луј Алио, кој е поранешен сопруг на лидерката на Партијата на национално единство, Марин ле Пен. Оваа партија за првпат на локални избори победи во еден град чие население брои над 100.000 жители.
Оваа екстремно десничарска партија, покрај во Перпињан, победи и во неколку други градови.
- Турски политичари избрани за градоначалници
На овие локални избори успех постигнаа и турските политичари во земјата. Метин Јавуз победи на изборите во Валентон, освојувајќи 52,37 отсто од гласовите, оставајќи го зад себе кандидатот на Комунистичката партија на Франција, Лорен Перишон.
Исто така, европратеничката и кандидат на партијата Републиканци, Агнес Еврен, на изборите учествуваше во 15. зона на Париз, каде што освои 53,5 отсто од гласовите и стана градоначалничка.
- На изборите пораз претрпе и Соња Крими, која има ставови против Турција
Француската пратеничка со потекло од Тунис, Соња Крими, која е позната по нејзините ставови против Турција, како кандидат на партијата на Макрон,„Републиката напред!“, учествуваше на изборите во Шербур ен Котентин, каде што претрпе тежок пораз. Крими доби само 8,7 отсто од гласовите.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, на минатогодишниот состанок на Парламентарното собрание на НАТО, одржан во Анталија, остро реагираше на изјавите на Крими во врска со настаните од 1915 година.
Крими на состанокот тврдеше дека е шокирана од критиките на претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп, против „таканаречениот ерменски геноцид“, и рече: „Нели историјата е напишана од страна на победниците? ПКК не е терорист за повеќе земји, но за вас е така. Тоа треба да го земете предвид.“
По ова, Чавушоглу реагираше, и додаде: „Со која недоволна информација можете да донесете толку јасна одлука во врска со историјата? Постои само една причина за донесување одлука со недостиг на информации, и тоа е популизам. За жал, и вашиот претседател потклекнува на популизмот. Франција е последната земја која може да ѝ држи лекција на Турција во врска со геноцид и историја, бидејќи не го заборавивме тоа што се случи во Руанда и Алжир. Франција најпрвин нека ја гледа својата мрачна историја, и да не се обидува да ѝ држи лекции на Турција. Вие продолжете да гледате од високо, но и ние на овој начин ќе продолжиме да ви покажуваме кај ви е местото.“
Откако Соња Крими го напушти местото каде што се одржуваше состанокот, Чавушоглу рече: „Не ви се допаѓа да ги слушате вистините, но ние ќе продолжиме да ги кажуваме.“
news_share_descriptionsubscription_contact
