Yusuf Özcan
17 Септември 2021•Ажурирај: 18 Септември 2021
ПАРИЗ (АА) - Франција ќе биде особено внимателна за односите на талибанците со терористичките организации, порача францускиот претседател Емануел Макрон, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ова е за наша безбедност“, рече Макрон на заедничката прес-конференција со германската канцеларка Ангела Меркел пред тет-а-тет средбата со неа во Елисејската палата.
Истакнувајќи дека тие ќе разговараат за меѓународната агенда и ситуацијата во Авганистан, Макрон рече дека ќе вложат напори за поддршка на соседните земји кои се домаќини на Авганистанци.
Тој додаде дека дел од агендата на состанокот е и осигурувањето дека луѓето кои се соочуваат со закани во Авганистан ќе ја напуштаат земјата, како и доставувањето на хуманитарна помош во Авганистан.
Макрон нагласи дека со Меркел ќе разговара и за ситуацијата во подрачјето на Сахел, Либија, Иран, Украина и Белорусија.
Германската канцеларка, пак, истакна дека прашањата во врска со Авганистан се однесуваат на луѓето кои се соочуваат со закана и евакуацијата на бегалците од земјата.
Нагласувајќи дека е важно да им се даде поддршка на соседните земји кои им помагаат на Авганистанците, Меркел рече дека тие ќе работат на тоа како да се постигне напредок во однос на прашањето за климатските промени со зачувување на индустриската база.
Таа истакна дека на средбата ќе стане збор и за развојот на настаните во врска со Кина, САД и Индопацифичкиот Регион.