Ömer Faruk Yıldız
10 Јуни 2019•Ажурирај: 11 Јуни 2019
КУАЛА ЛУМПУР (AA) - Малезија продолжува со враќање на пластичниот отпад кој е нелегално внесен во земјата, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пхее Бон Пох, претседател на Комитетот за животна средина на провинцијата Пенанг, соопшти дека вкупно 7.420 илјади тони или 265 контејнери пластичен отпад нелегално внесени во земјата од различни земји ќе бидат вратени назад.
Пхее истакна дека пластичните отпадоци главно доаѓаат од земји како што се Белгија, Франција, Германија и Канада.
„Ние ќе разговараме со релевантните компании, ќе одредиме датум и пластичниот отпад ќе го вратиме назад“, рече тој.
Пхее, исто така, нагласи дека фабриките за рециклирање, кои нелегално увезувале пластичен отпад, ќе бидат парично казнети со 1000 малезиски рингити (околу 240 долари) по контејнер.
Пластичниот отпад, конфискуван на почетокот на оваа година, околу 6 месеци се чува во пристаниште во сопственост на провинцијата.
Министерот за енергетика, технологија, животна средина и климатски промени на Малезија, Јео Јее Бин, минатиот месец го надгледуваше враќањето на пластичниот отпад во 8 различни земји.
Бин нагласи дека продолжува процесот на враќање на околу 60 контејнери со пластичен отпад со тежина од 3 илјади тони.
Малезија е една од светските земји, која најмногу увезува пластичен отпад, но се обидува да го спречи илегалното увезување и да ги затвори нелегалните фабрики за рециклирање на отпадот.
Во овој контекст, Владата на 29 април, ги врати назад петте контејнери пластичен отпад нелегално внесен од Шпанија.