ДАКАР
Сѐ уште опстојуваат сеќавањата на масакрот во Тиаруа, што Франција на 1 декември 1944 година го изврши врз сенегалските војници што се вратија од Втората светска војна.
Иако изминаа 76 години од масакрот извршен врз сенегалските стрелци (Tirailleurs Senegalais), кои за време на Втората светска војна во Западна Африка се бореа во составот на Франција, се очекува Франција да ги отвори своите архиви со цел да се отргне превезот на мистеријата врз целиот настан.
И денес е непознат бројот на сенегалските стрелци, кои откако се бореа во редовите на Франција, подоцна биле испратени во воениот камп „Тиаруа“ во Дакар, каде што биле убиени со образложение дека „дигнале бунт“.
Иако долго време администрацијата во Париз вели дека таа бројка е 35, фактот што во 2014 година тогашниот претседател на Франција, Франсоа Оланд, спомна 70 лица за време на неговата посета на гробиштата „Тиаруа“, откри дека вистинската бројка на убиените војници е многу поголема од предвидуваното.
Оланд за време на посетата изјави: „Сакам да потсетам и да ја поправам неправдата кон овие имиња, кои иако носеа француски униформи, кон нив беа свртени француски пиштоли“, со што предизвика вистински шок.
Инаку Оланд со оваа изјава стана првиот француски државник што ја прифати одговорноста на Франција за овој масакр.
- „Тие беа убиени со автоматски пушки“
Зборувајќи за Агенција Анадолија (AA), историчарот Самба Леје ја отфрли тезата за „бунт“ изнесена од страна на Франција и изјави дека војниците се собрале да го добијат ветениот надоместок пред нивното отпуштање.
Нагласувајќи дека бројот на убиени е сè уште неизвесен, Леје истакна дека 34 преживеани биле осудени на затворска казна од 1 до 10 години, но сите биле ослободени во рок од 2 години.
„Сенегалските војници во Тиаруа беа убиени в зори од жандармериските единици опремени со тенк „М3“, 2 митралези и полугасеничарско возило (предниот дел на возилото има тркала, а задниот дел гасеници)“, рече Леје.
- „Извршени се воени злосторства и злосторства против човештвото“
И Мари Буаре, портпарол на Африканското здружение на правници (АЈА), подвлече дека немало востание како што тоа го тврди Франција.
„Овие војници, кои требаше да се демобилизираат, беа собрани во логорот и убиени. Ова е ужасното минато на Тиаруа, што се смета за воено злосторство и злосторство против човештвото“, рече Буаре.
Потсетувајќи дека еден од стрелците го добил случајот поднесен против француското Министерство за одбрана, Буаре посочи дека треба да се одржи рочиште и за другите жртви за враќање на нивниот углед, потенцирајќи дека овој индивидуален случај може да претставува преседан.
Буаре изјави дека АЈА побарала од Франција да ги отвори своите архиви за целосно просветлување на масакрот.
- „Вие масакриравте наместо да доделувате медали“
„Овие луѓе се бореа за вашата слобода. Вие ги масакриравте наместо да им доделите медал кога ќе се вратат“, рече Мор Ндао, декан на Факултетот за историја при Универзитетот „Чеик Анта Диоп“ во главниот град Дакар.
Ндао нагласи дека откако започнало доаѓањето на добри вести од фронтот, Франција сакала што побрзо да се „ослободи од“ африканските војници, додавајќи дека во рок од 6 месеци во земјата биле пратени 9.678 сенегалски стрелци.
- 17.000 Сенегалци, кои се бореа за Франција, се убиени или исчезнати
Иако 202-те неименувани гробници пронајдени на гробиштата „Тиаруа“ се сметаат за еден од важните симболи за овој масакр, се проценува дека жртвите, чиј број не е познат, се закопани во јама близу кампот.
Познато е дека бројот на сенегалски стрелци кои пристигнале во Дакар на 21 ноември 1944 година изнесувал 1.280.
Според податоците на француското Министерство за одбрана, 17.000 сенегалски стрелци, кои се бореле на фронтот за време на Втората светска војна, се убиени, ранети или исчезнати.
- Семејствата сакаат да се отворат архивите
Сенегал, најстарата колонија на Франција, од 1895 до 1946 година беше од Француска Западна Африка.
Сенегал во 1946 година беше прифатен како далечна земја на Франција, во 1958 година се трансформираше во автономна администрација, а целосна независност доби во 1960 година.
Секоја година на 1 декември на гробиштата „Тиаруа“ се одржува комеморативна програма во чест на сенегалските стрелци убиени на истиот датум во 1944 година.
Најблиските членови на семејствата на лицата што ги загубија животите во масакрот, наведувајќи дека речиси 400 сенегалски стрелци биле убиени од француските војници, упатија барање до Франција да ги отвори архивите.