Dmitri Chirciu
10 Ноември 2020•Ажурирај: 10 Ноември 2020
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека прекинот на огнот меѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах синоќа стапил на сила, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин гостувајќи во телевизиска програма соопшти дека е потпишана заедничка декларација меѓу Азербејџан, Ерменија и Русија во врска со прашањето за Нагорно Карабах.
„Примирјето меѓу Азербејџан и Ерменија стапи на сила вечерва. Азербејџан и Ерменија останаа на позициите кои во моментот ги контролираат“, изјави Путин и наведе дека руските мировни сили ќе бидат распоредени на линијата на контактот во Нагорно Карабах и долж коридорот меѓу Карабах и Ерменија.
Тој најави и враќање на бегалците под контрола на Високиот комесаријат на ОН за бегалци. Ќе биде овозможена и размена на заробениците и телата на загинатите.
„Постигнатите договори претставуваат добар темел за праведно решение на кризата во Нагорно Карабах и формираат услови за решение во интерес на народот на Азербејџан и Ерменија“, изјави Путин.