Ali Cura
22 Април 2019•Ажурирај: 23 Април 2019
МОСКВА (АА) - Премиерот на Руската Федерација, Дмитриј Медведев, ги повика челниците на Украина на разумно однесување и им порача дека сè уште постои шанса за подобра соработка меѓу двете земји, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во Украина вчера се одржа вториот круг од претседателските избори, каде што, според прелиминарните резултати, уверлива победа освои комичарот Владимир Зеленски. Тој со 73 отсто освоени гласови славеше пред актуелниот претседател Петро Порошенко.
Рускиот премиер Медведев, во својата порака на Твитер, го повика Зеленски на рационално размислување и делување во идната работа.
„Сè уште постои шанса за подобри односи меѓу Русија и Украина. Затоа, потребен ни е искрен, прагматичен и одговорен пристап кој ќе ги земе предвид сите реални елементи на украинската политичка сцена, вклучувајќи ја и ситуацијата на истокот на земјата. Затоа, најважно е од новото украинско раководство да побараме разумно однесување“, рече Медведев.
Тој, исто така, порача дека обновувањето на руско-украинската економска соработка би значело решавање на социјалните проблеми за милиони Украинци.