Burç Eruygur
07 Ноември 2022•Ажурирај: 09 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Заканите на Украина за продолжување на нејзината нуклеарна програма во голема мера беа причина за „специјалната воена операција“ на Москва, истакна денес поранешниот руски претседател Дмитри Медведев, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Една од причините за спроведување на „специјалната воена операција“ беа „заканите“ од украинските лидери кои навестија продолжување на нуклеарната програма, од која Киев се откажа во рамките на Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, напиша Медведев, кој моментално ја извршува функцијата заменик-претседател на рускиот Советот за безбедност, на руската социјална мрежа ВК.
„Што гледаме до нашите сопствени граници? Кутри марионети од една инфериорна држава, сега горко плачат за одлуката донесена во рамките на Меморандумот од Будимпешта од 1994 година за повлекување на нуклеарниот арсенал лоциран на нивна територија, наследен од СССР“, истакна Медведев, по изјавите за процесот на пристапување на Јужна Африка кон Договорот за неширење на нуклеарното оружје.
Медведев нагласи дека Украинците отсекогаш го доживувале пристапувањето на Киев кон Меѓународниот договор како принуден чекор за кој е одлучено „под силен притисок од Вашингтон“, додавајќи дека тоа е случајот иако Украина „нема средства да го одржува „моќното“ (нуклеарно оружје) што случајно ѝ падна [в раце]“.
Тој понатаму рече дека украинските лидери, од поранешниот претседател Леонид Кравчук до сегашниот претседател Владимир Зеленски, имаат истакнато дека „би биле среќни да го употребат (нуклеарното оружје) против нас (Русија) и нивните сопствени граѓани (Украинците)“.
Меморандумот од Будимпешта беше потпишан од Украина, Русија, Велика Британија и САД на 3 декември 1994 година за да ѝ обезбеди на Украина безбедносни гаранции во врска со нејзиното пристапување кон Договорот за неширење на нуклеарното оружје.