Servet Günerigök
06 Јуни 2020•Ажурирај: 06 Јуни 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Турската помош за борба против коронавирусот испратена за Соединетите Американски Држави (САД) во два наврати влезе во записите на американскиот Конгрес, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ги цениме заложбите на еден од нашите сојузници за помош во нашата борба против коронавирусот“, рече конгресменот Џо Вилсон, копретседавач на Групата за турско-американско пријателство во Претставничкиот дом на САД во четврточното издание на Записникот.
„Ова е вид на соработка што треба да ја гледаме на секое ниво со цел ефикасно справување со оваа пандемија“, рече републиканскиот претставник во Конгресот од Јужна Каролина.
Вилсон изјави дека е задоволен што американската и турската влада заедно тесно соработуваат во правец на сузбивање на вирусот.
„Знам дека Турција испорачала медицински материјали и опрема за повеќе од 50 земји низ целиот свет и ја пофалувам за таквата великодушност“, рече тој.
Кон крајот на април, во првата пратка за САД беа испратени 500.000 хируршки маски, 4.000 комбинезони, 2.000 литри средство за дезинфекција, 1.500 заштитни очила, 400 маски N-95 и 500 визири. Друг воен карго-авион донесе втора пратка помош во медицински материјали на почетокот на мај.
Турција испрати помош на најмалку 57 земји во светот, меѓу кои и на Италија, Шпанија, Велика Британија, Северна Македонија, и е трет по ред донатор на хуманитарна помош во светот за време на пандемијата.
„Во наш заеднички интерес е да продолжиме да наоѓаме конструктивни начини за заедничка соаботка“, додаде Вилсон.
Пандемијата досега зеде речиси 110.000 животи во САД, а бројот на заразени надмина 1,8 милиони, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.