Ekip
13 Јануари 2021•Ажурирај: 14 Јануари 2021
ЖЕНЕВА
Меѓународниот совет на сестри (ICN) денеска соопшти дека има нов доказ оти Ковид-19 предизвикува масовна траума бидејќи бројот на починати медицински сестри на глобално ниво надмина 2.200, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Со високото ниво на заразени меѓу персоналот на медицински сестри, тие се соочуваат со зголемена психолошка вознемиреност наспроти постојано зголемениот обем на работа, континуираната злоупотреба и протести од страна на лицата кои се против вакцинација“, се вели во соопштението на Советот.
„Сведоци сме на единствена и комплексна професионална траума што влијае на персоналот на медицински сестри во светот“, рече извршниот директор на ИЦН, Хауард Кетон.
„Медицинските сестри се справуваат со немилосрдни, невидени барања од своите пациенти, што резултира со физичка исцрпеност. Но, тие, исто така, се соочуваат со огромни притисоци врз менталното здравје што доведува до сериозни психолошки нарушувања.“
Прелиминарните откритија од новото истражување на ИЦН врз повеќе од 130 национални здруженија на медицински сестри и други извори сугерираат дека ефектот од Ковид-19 е „уникатна и сложена форма на траума“.
Има потенцијално разорни последици и на краток и на долг рок за медицинските сестри, индивидуално, како и за здравствените системи во кои тие работат.
Пандемијата ризикува да ја оштети професијата на медицински сестри со генерации, освен ако владите веднаш не го решат овој проблем.
Советот во истражувањето вели дека ефектот од Ковид-19 може да предизвика масовно заминување од професијата.
„Светот веќе има недостиг од 6 милиони сестри, со уште 4 милиони кои треба да ја достигнат возраста за пензија во следните 10 години“, соопшти.
Со ефектот на Ковид-19 што потенцијално може да доведе до тоа дури и повеќе медицински сестри да ја напуштат професијата, владите треба да дејствуваат за да ја заштитат медицинската професија и кревките светски здравствени системи или да ги загрозат националните здравствени системи и целта на Светската здравствена организација за универзална здравствена заштита.
Повикувајќи се на специфични земји и региони, ИЦН истакна дека Јапонското здружение на медицински сестри вели дека 15 отсто од болниците низ Јапонија имале медицински сестри кои поднеле оставка на работното место. Околу 20 отсто од медицинските сестри пријавиле дискриминација или предрасуди за време на првиот бран на пандемијата.
Американското здружение на медицински сестри објави дека 51 отсто од медицинските сестри се чувствуваат презаситени и други извештаи на САД покажуваат дека 93 отсто од здравствените работници доживувале стрес, 76 отсто пријавиле исцрпеност, а контактот медицински сестри - пациенти се зголемил за трипати.
Во Бразил, 49 отсто од медицинските сестри пријавиле анксиозност, а 25 отсто пријавиле депресија.
Кина соопшти дека 60 отсто од медицинските сестри пријавиле исцрпеност, а 90 отсто анксиозност.
Во Африка, истражувањето спроведено во 13 земји открива дека 20 отсто од анкетираните здравствени работници пријавиле дневни симптоми на депресија за време на пандемијата, во споредба со 2 отсто пред пандемијата.
Во Шпанија, 80 отсто од медицинските сестри пријавиле симптоми на вознемиреност и зголемена исцрпеност.
Израел известува дека над 40 отсто од медицинските сестри стравуваат од грижата за болните и пациентите со Ковид-19.
Во Австралија 61 отсто од здравствените работници пријавиле исцрпеност и 28 отсто пријавиле депресија.
„Дури и ако само 10 до 15 отсто од сегашната медицинска популација се откаже поради ефектот од Ковид-19, би можеле да имаме потенцијален недостиг од 14 милиони медицински сестри до 2030 година, што е еквивалентно на половина од сегашната работна сила на медицински сестри“, изјави Кетон.