Ayşe Aktaş
26 Септември 2017•Ажурирај: 27 Септември 2017
МЕКСИКО (АА) - Мексико сѐ уште ја проценува штетата по разорниот земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтер, кој во вторникот минатата недела ги погоди централните делови и однесе најмалку 325 животи, јавува Anadolu Agency (AA).
Луис Фелипе Пуенте, директор на Цивилната заштита на Мексико, на социјалните мрежи потврди дека бројот на мртвите е зголемен на 325 и оти само во престолнината животот го загубиле 186 лица.
Надлежните владини претставници и понатаму ги проценуваат економските загуби од земјотресот, кој предизвика голема материјална штета, меѓутоа, за хотелиерите и за угостителите ситуацијата уште сега е прилично јасна.
Угостителот Антонио Луна седејќи пред затворениот ресторан, рече дека сè е затворено поради големото оштетување на зградата во којашто се наоѓа ресторанот. Тој само се обидува да го спаси мебелот и опремата што е во неговиот ресторан.
Нов силен потрес во саботата го погоди Мексико Сити, занишувајќи многу згради, поради што многу луѓе истрчаа на улиците.
Според Геолошкиот завод на САД, земјотресот бил со јачина од 6,2 степени според Рихтер, со епицетар јужно од мексиканската држава Оахака. Во потресот нема човечки жртви ниту е причинета материјална штета.
Како последица на првиот земјотрес со јачина од 8,1 степен, кој на 8 септември го погоди Мексико, животот го загубија 96 лица.