Necva Taştan Sevinç
14 Август 2026•Ажурирано: 14 Август 2026
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека мигрантската криза во шпанската северноафриканска енклава Сеута ја покажува потребата Европа да ги заштити своите надворешни граници, пренесува Анадолу.
„Огромното мнозинство европски земји го имаат истиот став што Италија го изрази во последните денови: Приоритет на Европа е да ги заштити своите надворешни граници од неконтролирана имиграција, да го исклучи секој ризик од безбедноста и тероризмот и да ја брани слободата на движење, која е темел на шенгенскиот систем“, изјави таа за италијанскиот финансиски весник „Милано финанца“.
Таа рече дека „сериозната мигрантска криза“ во Сеута и можноста за нов прилив в сабота бараат Италија да остане „исклучително внимателна“ и да ги преземе сите неопходни мерки.
Италија неодамна воведе привремени контроли на воздушната и морската граница со Шпанија, по пристигнувањето на повеќе од 70.000 мигранти во Сеута кон крајот на јули.
Мадрид ја критикуваше италијанската мерка, посочувајќи дека Сеута е надвор од Шенген-зоната, што значи дека мигрантите кои пристигнуваат таму не можат слободно да продолжат кон други европски земји. Исто така, го обвини Рим дека го користи прашањето за домашни политички цели.
Шпанија, пак, воведе слични гранични контроли за патниците од Италија.
- Раст на трошоците за енергија
Мелони се осврна и на растот на трошоците за енергија, велејќи дека нејзината Влада ќе одвои дополнителни 14 милијарди евра во следните две години за да го ублажи финансискиот товар врз домаќинствата и бизнисите.
Таа ја потврди посветеноста на нејзината Влада на нуклеарната енергија, опишувајќи ја како „вистинското решение“ за подобрување на енергетската безбедност на Италија и постигнување значително пониски трошоци на среден и долг рок.
„Италијанската економија добро се одржува, а податоците за првите два квартала од 2026 година се охрабрувачки“, додаде таа.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) очекува италијанската економија да порасне за 0,5 отсто во 2026 и во 2027 година, според извештајот од јули „Светски економски прогнози“.
Мелони, исто така, изјави дека буџетскиот дефицит на Италија се намалил од 8,1 отсто од бруто-домашниот производ, колку што изнесувал кога нејзината Влада ја презела функцијата, на 3,1 отсто, додека се зголемиле трошоците за здравството, социјалната заштита и договорите во јавниот сектор.