Erbil Başay
16 Јули 2016•Ажурирај: 17 Јули 2016
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, денес остро го осуди обидот за државен удар во Турција и изрази солидарност со демократски избраната влада и надеж дека ќе се врати мирот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во име на германската влада остро го осудувам делото на турските воени сили за соборување на легално избраната влада и претседателот на државата со користење сила”, изјави Меркел.
Таа ги осуди нападите извршени со тенкови и авиони чија мета беа парламентот, државните единици и цивилните демонстранти.
„На крвопролевањето во Турција сега мора да му дојде крајот. Германија стои рамо до рамо со оние кои во Турција ја бранат демократијата и владеењето на правото”, изјави Меркел.
Меркел ја нагласи важноста на Турција за Германија, поради трите милиони Турци кои живеат во земјата, но и блиската соработка помеѓу двете држави во однос на многу важни прашања.
„Се надевам дека по трауматичните случувања ќе се врати внатрешениот мир на турскиот народ во земјата и дека насилните судири и поделби ќе бидат надминати. Демократијата која ги почитува правата на сите и го штити малцинството е најдобар темел за тоа”, заклучи Меркел.