Husamedin Gina
30 Октомври 2020•Ажурирај: 02 Ноември 2020
Скопје
Меѓународно здружение на правници остро ги осуди сите форми на тероризам и јазикот на омраза кон муслиманските вредности и муслиманите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот секретар на Меѓународното здружение на правници со седиште во Истанбул, Турција, Неџати Џејлан, во писмено соопштение истакна дека ги осудуваат неодамнешните терористички напади во Франција во кои беа убиени невини луѓе.
„Секаков вид терор, без оглед на причината и основата, го отфрламе безусловно и го осудуваме најостро. Веруваме дека овие напади се напад врз целото човештво. Сметаме дека сите земји, без никаква дискриминација, треба да усвојат заеднички став против терористичките организации“, нагласи Неџати Џејлан од Меѓународното здружение на правници.
Од друга страна, Неџати Џејлан исто така нагласи дека го осудуваат тоа што муслиманите се гледаат како еквиваленти на теророт со образложение дека лицето кое извршило терористички напад има муслиманско потекло.
Тој додаде дека силно ги осудуваат и нападите против божјиот пратеник Мухамед и вредностите на муслиманите.
„Го осудуваме и јазикот на омраза кон муслиманите, кој започна во Франција и се прошири во другите европски земји. Во овој момент, ние исто така го осудуваме јазикот на омраза што го користи францускиот претседател и неговиот пристап кон навреда на муслиманите кој го смета за слобода. Сметаме дека оваа ситуација не му доликува на претседател на една земја како што е Франција“, нагласи Неџати Џејлан.
Во соопштението на Меѓународно здружение на правници исто така се додава:
„Остро ги осудуваме сите форми на тероризам, а исто така и јазикот на омраза кон муслиманските вредности и муслиманите.“