Ahmet Gençtürk
30 Октомври 2020•Ажурирај: 31 Октомври 2020
БРИСЕЛ (АА) - Дистрибуцијата на вакцините за Ковид-19 меѓу земјите членки на ЕУ ќе биде праведна, соопштија синоќа официјалните претставници на Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, одржаа состанок преку видеоконференција по Самитот на лидерите на ЕУ.
Забележувајќи дека моменталната состојба на пандемијата во Европа е многу сериозна, Фон дер Лејен рече дека бројот на хоспитализирани лица и жртвите значително се зголемува.
„Доколку не преземеме акција сега, ширењето на пандемијата ќе го оштети нашиот здравствен систем“, рече таа.
Фон дер Лејен ги сподели и најновите случувања во врска со вакцината за Ковид-19. Таа рече дека ЕУ веќе има потпишано договори за купување на вакцините со три различни компании и дека продолжуваат преговорите со уште четири други компании.
„Земјите членки ќе ги добијат вакцините истовремено, под исти услови и според нивната популација“, додаде таа.
Мишел истакна дека земјите членки на ЕУ се согласиле за фер дистрибуција на вакцините.
„Здравствените работници, оние со хронични болести и повозрасните граѓани ќе имаат приоритет за вакцинација“, истакна тој.