Ömer Tuğrul Çam,Ata Ufuk Şeker
21 Септември 2020•Ажурирај: 22 Септември 2020
БРИСЕЛ (АА) - Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, објави дека министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ не можеле да се сложат за санкции кон Белорусија поради несогласувањето на кипарските Грци, јавува Агенција Анадолија (AA).
По состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел, Борел на прес-конференцијата изјави дека на состанокот се разговарало за голем број прашања, вклучувајќи ги Либија, Венецуела, Русија, Либан, Источен Медитеран и Белорусија.
Истакна дека ЕУ не го признава легитимитетот на актуелниот белоруски претседател Александар Лукашенко, тврдејќи дека изборите одржани на 9-ти август во Белорусија не се веродостојни.
Напомена дека денес во Брисел се состанале со лидерката на опозицијата во Белорусија, Светлана Тихановска, на која ѝ пружиле поддршка и порачале дека белорускиот народ треба да сам да си ја одреди својата судбина.
Нагласи дека сепак земјите членки на ЕУ не можеле да се договорат околу воведувањето санкции кон Белорусија.
„Санкциите не беа можни поради недостаток на консензус“, рече Борел, додавајќи дека за ова прашање ќе се разговара и на самитот на лидерите на ЕУ кој ќе се одржи на 24 и 25 септември.
Истакна дека поради кипарските Грци не можеле да постигнат договор за санкциите бидејќи тие барале и воведување санкции кон Турција, иако не биле против санкциите кон Белорусија.
„Ова е политички проблем со големи тензии. Европскиот совет мора да го реши тоа. Во моментов не е можно да се каже како ќе се случи тоа“, рече Борел.
Напомена дека сите членки всушност се согласуваат за наметнување санкциите кон Белорусија, изразувајќи надеж дека на следниот состанок на Советот за надворешни работи ќе можат да постигнат договор за ова прашање.
„Ова прашање зборува за кредибилитетот на Европската Унија. Ако не успееме во ова, нашиот кредибилитет ќе биде загрозен", рече Борел.
Истакна дека е постигнат одреден позитивен напредок во однос на прашањето за Источниот Медитеран, додавајќи дека тоа ќе биде едно од главните прашања за кои ќе се расправа на самитот на ЕУ на 24 и 25 септември.