Şerife Çetin
19 Ноември 2019•Ажурирај: 21 Ноември 2019
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе се состанат во Брисел, со цел подготовка за лидерскиот состанок кој ќе се одржи во декември, но и за разговори на различни теми, како вселенска политика, борба против тероризмот, Русија, Кина, и за споделување на обврските, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, даде изјава во врска со дневниот ред на еднодневниот состанок, на кој Турција ќе биде претставена од страна на шефот на дипломатијата на оваа земја, Мевлут Чавушоглу.
Столтенберг рече дека министрите за надворешни работи ќе ги извршат последните подготовки за лидерскиот состанок на НАТО кој ќе се одржи меѓу 3 и 4 декември во Лондон.
„Меѓу сојузниците постојат несогласувања за различни теми, како трговијата,, климатските промени, Договорот за нуклеарната програма со Иран и за североисточниот дел на Сирија. Но покрај овие различности кои не се нови, НАТО веќе 70 години продолжува да се зајакнува“, нагласи Столтенберг, додавајќи дека шефовите на дипломатијата ќе разговараат и за распределба на обврските.
Според него, сојузниците во последните пет години забележале раст во одбранбените трошоци, за кои дале придонес од дополнителни 100 милијарди долари во одбраната.
Тој истакна дека НАТО се приспособил за новите безбедносни предизвици, и додаде: „Како значаен чекор, утре очекувам министрите вселената да ја прифатат како нова оперативна област, покрај копнената, воздушната, поморската и киберобласта.“
Столтенберг нагласи дека вселената има голема важност, како во цивилната, така и во воената област.
„Прифаќањето на вселената како нова оперативна област дава отворена порака дека НАТО во секоја област е одлучен за зајакнување на одбраната“, рече тој.
Столтенберг подвлече дека НАТО нема да ја вооружува вселената, и дека овој чекор ќе даде придонес во операциите и мисиите на Алијансата.
- Борба против тероризмот и хибридните закани
Генералниот секретар на НАТО рече дека министрите за надворешни работи исто така ќе разговараат за борбата против тероризмот, и дека во овие рамки мисиите за обука во Авганистан и Иран се важни во насока на спречување на повторно појавување на ДЕАШ и другите терористички организации.
Столтенберг рече дека на дневниот ред ќе биде и темата за хибридните закани, и дека сојузниците продолжуваат со развивање на нивните инфраструктури во областа на телекомуникацијата.
- Русија и Кина
Според него, министрите за надворешни работи ќе се фокусираат и на други стратешки теми, и во овој контекст ќе се дискутира и за односите со Русија.
Тој нагласи дека ќе се разговара и за моќта на Кина која е во раст.
- Порака за Турција
Столтенберг истакна дека намалувањето на насилството во североисточниот дел на Сирија е важен чекор, изразувајќи задоволство за тоа.
Тој нагласи дека меѓу сојузниците постои несогласувања во врска со североисточниот дел на Сирија, и дека оваа тема ќе се актуализира и на состанокот на шефовите на дипломатијата.
„Но постои едно прашање за кое се согласуваме сите. Турција како сојузник кој угостува најмногу бегалци, беше изложена на голем број терористички напади. Затоа, Турција има легитимна безбедносна загриженост“, додаде Столтенберг.