Dmitri Chirciu
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
КИШИЊЕВ (АА) - Министерот за одбрана на Молдавија изјави дека земјата може да прогласи мобилизација доколку борбите меѓу руските и украинските сили се придвижат кон нејзините граници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Неколку руски проектили кои беа истрелани кон Украина поминаа над територијата на Молдавија“, рече Анатолие Носатји во интервју за телевизискиот канал ТВР Молдавија.
Нагласувајќи дека нема гаранција дека тоа нема да се повтори, Носатји ги повика западните партнери на Молдавија, вклучително и НАТО, да обезбедат поддршка за осигурување на безбедноста во земјата.
Запрашан за тоа дали ќе биде прогласена мобилизација во Молдавија, Носатји рече: „За да се одигра ова сценарио, треба да има сериозни промени на линијата на фронтот во Украина.“
„На пример, ако борбите се приближат поблиску до нашите граници, ако има промени во врска со миграцијата во нашата земја од Украина, или ако забележиме мобилизација на воени единици во воената зона, тогаш тоа може да се случи“, додаде тој.
Молдавската претседателка Маја Санду во понеделникот изјави дека ќе бидат преземени неопходните мерки на претпазливост во случај на интервенција на Русија против суверенитетот и безбедноста на Молдавија.