Ekipa
12 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
МОСУЛ (АА) - Припадниците на терористичката организација ДЕАШ убија две семејства со вкупно 19 членови, кои се обиделе да побегнат од територијата во ирачкиот град Мосул што е под контрола на ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Капетанот на ирачката војска, Музафер Абдула, за АА истакна дека терористите на ДЕАШ усмртиле две семејства со вкупно 19 членови во местото Хави eл-Кенисе, кое се наоѓа на северозападниот дел на Мосул.
Тој напомена дека меѓу жртвите има и жени и деца.
Споменатите лица наводно се обиделе да побегнат од подрачјата контролирани од ДЕАШ, на ослободената територија.
Абдула истакна дека милитантите на ДЕАШ фатиле група луѓе и ги убиле, а безживотните тела подоцна се пронајдени покрај патот.
Од друга страна, од експлозивна направа што терористите на ДЕАШ ја поставиле во една куќа во местото Ел-Хермат, во северозападниот дел на Мосул загинаа двајца припадници на ирачката војска, а седуммина се ранети.
Здружените ирачки сили со поддршка на воздушните сили на меѓународната коалиција, во октомври минатата година започнаа операција за ослободување на Мосул од терористите на ДЕАШ.