Ömer Faruk Yıldız
21 Мај 2021•Ажурирај: 23 Мај 2021
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Мјанмарската воена хунта најави дека ќе ја распушти политичката партија Национална лига за демократија (NLD) која ја води соборената шефица на дипломатија и де факто политичка лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Воената хунта формира Обединета изборна комисија (UEC) која денеска одржа состанок со лидерите на политичките партии, а се разговараше за наводните измами и нерегуларности на изборите кои во таа земја се одржаа во ноември минатата година.
На состанокот присуствуваа лидерите на 53 политички партии, но не присуствуваа лидерите на 38 мјанмарски партии кои не го признаа владеењето на воената хунта.
Претседателот на Обединетата изборна комисија, Теин Сое, соопшти дека партијата Национална лига за демократија ќе биде распуштена, а нејзините лидери, поради вмешаност во изборната измама, ќе бидат прогласени за државни предавници.
Мјанмарската војска на 1 февруари оваа година изврши пуч и ја презеде власта во земјата.
Војската прогласи едногодишна вонредна состојба и ги уапси челниците на Владата, вклучувајќи ја и мјанмарската лидерка Аунг Сан Су Чу.
Масовните протести против воениот удар започнаа на 6 февруари. За време на репресивните воени интервенции животите ги загубија најмалку 810 демонстранти и противници на пучот.
Обединетите нации, Европската Унија и голем број земји, како Турција, САД, Канада и Велика Британија најостро го осудија воениот удар во Мјанмар.