Riyaz Ul Khaliq
10 Март 2021•Ажурирај: 11 Март 2021
АНКАРА (АА) - Најмалку 200 демонстранти се приведени во рација на воените сили и полицијата денеска во резиденцијалните делови во Јангон, најголемиот град во Мјанмар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Воените рации беа извршени во приградската населба Норт Окалапа, каде што се приведени речиси 200 демонстранти“, објавија локалните медиуми.
Меѓутоа, локалното население ги блокира патиштата, за полициските комбиња, кои ги превезуваа приведените, да не можат да го напуштат подрачјето.
Силите упаднаа и во станбени објекти во кои беа сместени работниците во железницата во населбата Минглар Таунг Нјунт.
Граѓаните речиси секој ден протестираат низ улиците во градовите на Мјанмар, а здравствените работници одбија да ја примат втората доза од вакцината против Ковид-19, како знак на протест против пучот.
Во јануари, повеќе од 103.000 здравствени работници ја примија првата доза на вакцината на „Оксфорд“/„АстраЗенека“. Сепак, вработените во Општата болница „Лашио“ (LGH) во северната покраина Шан одбија да ја примат втората доза закажана за 25 февруари.
Според Здружението за помош на политички затвореници, воената хунта приведе најмалку 1.932 лица од пучот на 1 февруари.
Околу 350 млади лица беа приведени минатата недела поради демонстрации против пучот и се наоѓаат во затворот „Инсеин“.
Од воениот удар кој се случи на 1 февруари, најмалку 68 лица се убиени за време на протестите против хунтата. Полицијата и безбедносните сили уапсија политички лидери, повеќето од сменетата владејачка партија, Националната лига за демократија и други активисти на граѓанското општество.
Обвинети се и неколку новинари, додека пак од страна на полицијата и војниците е извршена рација врз медиумските куќи.