Ömer Faruk Yıldız
10 Април 2021•Ажурирај: 11 Април 2021
КУАЛА ЛУМПУР
Најмалку 20 цивили го загубија животот по вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар на демонстрациите што се одржаа во Баго во знак на протест против воениот удар и притворањето на членовите на власта избрани од народот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во вестите објавени во мјанмарските медиуми се вели дека војниците на Мјанмар во местото Ма Га Дит во областа Баго пукале врз демонстрантите кои ги продолжиле протестите и покрај предупредувањата.
Според сведочењето на очевидци, во инцидентот се убиени најмалку 20 цивили.
Се дознава дека војниците ги однеле телата на мртвите демонстранти во еден будистички храм.
Активистката Керен Ким за АА изјави: „Локалните медиуми досега потврдија дека во настанот животот го загубија 20 лица, но цивилите со кои контактиравме од тоа подрачје тврдат дека загинале најмалку 60 лица. Слушнавме дека по судирите што продолжиле до полноќ, Војската ги скрила телата на убиените цивили транспортирајќи ги со воени возила.“
Зборувајќи дека Армијата користела тешка муниција против цивилите, Кин изјави: „Илјадници граѓани во областа ги напуштија своите домови. Дознавме дека многу луѓе на територијата на Баго се подготвуваат да ги напуштат своите домови.“
Наведувајќи дека бројот на смртни случаи може да се зголеми во текот на денот, Кин продолжи со зборовите: „Хунтата е притисната во ќоше откако се мобилизираа етничките вооружени групи против Армијата и се вооружија демонстрантите. Тоа е причината поради која сакаат да ги задушат протестите со што е можно поголемо насилство врз демонстрантите.“
- Воен удар во Мјанмар
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Жителите на Мјанмар на 6 февруари започнаа демонстрации со барање за враќање на демократијата во земјата. Во интервенциите што безбедносните сили ги спроведоа против демонстрантите, животот го загубија 618 демонстранти.
Додека продолжуваат демонстрациите, продолжува и судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.