Zehra Ulucak
12 Февруари 2020•Ажурирај: 13 Февруари 2020
АНКАРА
Кај 40 лица, меѓу кои и еден службеник за карантин на бродот, што поради епидемијата со коронавирусот се наоѓа под карантин во Јапонија, е откриен вирусот „Ковид-19“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави информативната агенција „Кјодо“, на бродот „Дајамонд принцес“ со 3.700 патници, што минатата недела на пристаништето „Јокохама“ беше ставен под карантин, бројот на заразени од вирусот „Ковид-19“ се искачил на 174 лица.
Во соопштението што го објави Министерството за здравство се вели дека покрај еден службеник за карантин, на бродот, со коронавирусот „Ковид-19“, се заразени 29 патници и 10 членови на екипажот, со што бројот на заразени во Јапонија се искачи на 203 лица.
Во соопштението се наведува дека 4 мажи на возраст од 60 до 70 години, од кои тројца се државјани на Јапонија, се префрлени на копно и се ставени под лекарска контрола во болница. Две од овие лица се наоѓаат на интензивна нега.
Бродот со приближно 3.700 патници и членови на екипажот се очекува да остане во карантин до 19 февруари.
Патничкиот брод е усидрен на пристаништето „Јокохама“, кое се наоѓа недалеку од главниот град Токио. Откако кај еден патник од Хонгконг е откриен вирусот „Ковид-19“, бродот на 4 февруари беше ставен во карантин.
Новиот тип коронавирус за првпат е забележан на 12 декември во кинескиот град Вухан. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морска храна „Хуанан“ под образложение дека кај 27 лица, што биле во контакт со тоа место, е забележана „мистериозна болест“.
Бројот на починати од „Ковид-19“ во Кина достигна бројка од 1.114 лица, а бројот на заразени од овој вирус е 44.653, од кои 8.204 лица се наоѓаат во тешка состојба.
Тедрос Аданом Гебреисус, директорот на Светската здравствена организација (СЗО), вчера соопшти дека на новиот тип коронавирус што се појави во Кина му е дадено името „Ковид-19“.