Dmitri Chirciu
07 Јануари 2022•Ажурирај: 08 Јануари 2022
НУР СУЛТАН
Министерството за внатрешни работи на Казахстан соопшти дека во нередите на антивладините протести смртно страдале 26 демонстранти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека операцијата, која ја започнаа припадниците на безбедносните сили како дел од вонредната состојба, продолжила.
Беше кажано дека ситуацијата е ставена под контрола и дека се исчистени зградите на управата и општините во сите градови, а поставени се 70 контролни пунктови низ државата.
„Припадниците на безбедносните сили воспоставија јавен ред во Алмати и ставија под заштита стратешка локација. Продолжува акцијата за чистење на улиците“, се вели во соопштението.
Беше посочено дека нивото на закана од тероризам е подигнато на „критично црвено“. Загинаа 26 демонстранти, а 18 се повредени.
Во соопштението се наведува дека повеќе од 3.000 луѓе биле приведени во немирите.
Зголемувањето на цените на течниот нафтен гас и влошената социоекономска ситуација во Казахстан предизвикаа масовни протести кои избија на 2 јануари во западниот дел на земјата. За време на протестите дојде до судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите, а претседателот Касим-Јомарт Токаев потоа ја прифати оставката на Владата на премиерот Аскар Мамин.
По протестите беше прогласена вонредна состојба во градовите Нур Султан и Алмати, а потоа во регионот Мангистау. Тогаш беше прогласена вонредна состојба низ целата земја.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан во четвртокот соопшти дека за време на протестите се приведени 2.298 лица.
Во соопштението, исто така, се вели дека 748 припадници на безбедносните сили биле повредени, а 18 загинале за време на протестите.