ДАМАР (АА) - Најмалку 60 лица загинаа, а голем број се повредени во воздушниот напад на коалицијата предводена од Саудиска Арабија врз затвор во југозападен Јемен, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за здравство на Хусите соопшти дека 60 тела биле пронајдени во центарот за притвор, погоден од воените авиони на коалицијата предводена од Саудиска Арабија во градот Дамар.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија преку соопштение истакна дека цел на воздушните напади била локација за чување на беспилотни летала и ракети.
„Коалицијата ги презеде сите мерки за да се избегнат цивилни жртви за време на воздушните напади на тоа место“, истакна портпаролот на коалицијата, Турки ал Малики.
Локалните жители велат дека бил погоден центарот за притвор во градот.
„Затворот е познат на коалицијата и на Црвениот крст, кои неколкупати го посетија“, напиша на Фејсбук, Абдул-Кадир ал-Муртада, челникот на Комисијата за затвореници, раководена од Хусите.
Во меѓувреме, Меѓународниот комитет на Црвениот крст посочи дека местото е објект за притвор.
„Ги сфаќаме овие наводи крајно сериозно“, напиша на Твитер Франц Рахенштајн, шеф на делегацијата на Црвениот крст во Јемен.
„Јас сум на пат кон Дамар, Јемен, за да ја проценам ситуацијата. Ние претходно ги посетивме притворениците на оваа локација, како што тоа го правиме и на други места, како дел од нашата работа.“
Во 2015 година, центарот за притвор раководен од Хусите во Дамар беше погоден во воздушен напад на коалицијата предводена од Саудиска Арабија, при што загинаа најмалку 25 затвореници.
Во тоа време, Јеменската влада, поддржана од Саудиска Арабија, ги обвини бунтовниците Хуси дека ги користат затворениците како човечки штит.
Јемен е средиште на судири уште од 2014 година, кога Хусите, поддржани од Иран, го зазедоа поголемиот дел од земјата, вклучително и главниот град Сана.
Судирите ескалираа следната година кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа голема воздушна кампања за враќање на заземените делови од Хусите во Јемен и поддршка на просаудиската влада на земјата.
Според проценките на ОН, од 2016 година во судирите загинале над 70.000 луѓе.