Ömer Tuğrul Çam
25 Мај 2021•Ажурирај: 26 Мај 2021
БРИСЕЛ
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека ги поздравуваат санкциите на ЕУ кон Белорусија поради присилното слетување на патничкиот авион и приведувањето на белорускиот опозициски новинар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг даде изјава за медиумите во однос на разговорите со естонската премиерка Каја Калас во седиштето на НАТО.
Генералниот секретар Столтенберг, осврнувајќи се на присилното слетување на патничкиот авион на компанијата „Рајанер“, што леташе на релација Атина - Вилнус, поради најава за поставена бомба на 23 мај и притворањето на опозицискиот белоруски новинар, рече дека инцидентот е „неприфатлив“.
„Ова е државна пиратерија и показател на тоа како режимот во Минск ги напаѓа основните демократски права“, рече Столтенберг.
Осврнувајќи се на одлуките што синоќа ги донесоа лидерите на ЕУ за Белорусија, Столтенберг рече дека ги поздравува тие одлуки.
„Треба да се спроведе итна меѓународна истрага. Новинарот Раман Праташевиќ и неговата девојка Софија Сапега мора веднаш да бидат ослободени“, нагласи Столтенберг.
Наведувајќи дека за време на состанокот се разговарало и за Русија, Столтенберг истакна дека иако дел од воените трупи на Русија се повлечени од и околу Украина, десетици илјади војници и значителна количина оружје останале во регионот.
Меѓу другото, Столтенберг истакна дека Русија се обидува да ја спречи навигацијата во Црното Море, што е пример за агресивното однесување на оваа земја.
Лидерите на ЕУ синоќа на нивниот самит одлучија да воведат нови економски санкции за белоруските функционери и за некои сектори. Исто така, авиокомпаниите основани во ЕУ се повикуваат да не летаат над Белорусија. Меѓу другото, забрането е белоруските авиокомпании да летаат во воздушниот простор на ЕУ.