Ömer Tuğrul Çam
07 Октомври 2021•Ажурирај: 08 Октомври 2021
БРИСЕЛ
Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, предупреди дека спорот меѓу САД и Франција, до кој дојде по одлуката на Австралија да купи подморници од САД наместо од Франција и потпишувањето на договорот АУКУС меѓу САД, Велика Британија и Австралија, не треба да создаде расцеп во НАТО, известува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг во седиштето на НАТО даде изјави за новинарите по состанокот на Механизмот за донесување одлуки на НАТО со учество на советниците за националната безбедност на Северноатлантскиот совет.
Одговарајќи на прашањето за одлуката на Австралија да го откаже договорот за набавка на подморници од Франција и да ги купи од САД, за потоа да биде воспоставено и партнерство меѓу Австралија, Велика Британија и САД, познато како АУКУС, Столтенберг рече дека за ова прашање се разговарало и на денешната средба.
Велејќи дека таквите несогласувања не треба да предизвикаат расцеп во сојузот, Столтенберг истакна:
„Договорот АУКУС не е против ЕУ или НАТО. Со цел да се спречат несогласувањата меѓу сојузниците да предизвикаат расцеп во Алијансата и да ја оштетат соработката, постои широк консензус во рамките на Трансатлантската алијанса и НАТО. Морам да го повторам она што го кажав претходно, ја разбирам фрустрацијата на Франција, но исто така сум убеден дека сојузниците ќе најдат излез.“
Нагласувајќи дека земјите од НАТО секогаш не гледаат исто во однос на секое прашање, но дека не треба да се занемари „големата слика“, Столтенберг продолжи со зборовите: „Во време на зголемена глобална конкуренција, Северна Америка и Европа мора да стојат заедно во НАТО. Безбедносните предизвици со кои се соочуваме се премногу големи за една земја или континент сам да се соочи со нив.“
Франција остро реагира кон Австралија и САД по откажувањето на договорот вреден приближно 66 милијарди американски долари.
Француската Влада соопшти: „Бевме прободени од грб“ и ги повика амбасадорите на овие две земји во Париз.
- „Злонамерните активности на Русија се зголемуваат“
Одговарајќи на прашањето за откажувањето на акредитацијата на 8 службеници од мисијата на Русија во НАТО вчера, Столтенберг рече дека одлуката не е поврзана само со еден настан.
Столтенберг на прес-конференцијата изјави: „Веќе некое време бележиме зголемување на злонамерните активности на Русија. Затоа, мора да бидеме будни. Се разбира, кога видовме дека членовите на руската делегација во НАТО работат надвор од дефинициите за акредитација, требаше и ние да преминеме во акција. Тоа е причината зошто беа повлечени акредитациите.“
Нагласувајќи дека односите меѓу НАТО и Русија паднале на најлошото ниво од Студената војна, Столтенберг истакна дека како НАТО, тие се „отворени за значаен дијалог“ со Москва.
Столтенберг рече дека се подготвени да ги одржат состаноците на Советот НАТО - Русија, кои не се одржуваат веќе две години, и истакна дека е испратена покана до Русија, но дека администрацијата од Москва не дала позитивен одговор на поканата.