Selen Temizer
24 Мај 2022•Ажурирај: 25 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека Турција е членката на НАТО која најмногу има настрадано од терористичките напади, поради што нагласи дека мора да се најде начин да се одговори на нејзината загриженост, јавува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг имаше обраќање на Светскиот економски форум (СЕФ) во градот Давос, Швајцарија.
Наведувајќи дека членството на Шведска и Финска во НАТО ќе ја зголеми колективната безбедност, Столтенберг рече дека тоа ќе ја зајакне и врската ЕУ - НАТО.
Потсетувајќи дека Русија не сака повеќе членки на НАТО до нејзините граници и дека испратила ултиматум до НАТО во кој се бара обврзувачки договор, Столтенберг рече:
„Сакаше да види помалку НАТО-членки на своите граници и започна војна. Сега на своите граници гледа повеќе членки на НАТО. Апликациите на Шведска и Финска за членство во НАТО се од историска важност. Свесен сум и за важноста да се одговори на загриженоста на Турција. Не треба да заборавиме дека ниту еден сојузник на НАТО не претрпел терористички напади повеќе од Турција, и ниту еден друг сојузник не примил повеќе бегалци од Турција. Затоа мора да седнеме и да најдеме пат за да напредуваме. Сигурен сум дека ќе го направиме тоа.“
Столтенберг исто така истакна дека Турција долги години ја поддржува Украина заедно со САД, Канада и Велика Британија.
Нагласувајќи дека НАТО бил подготвен кога Русија ја нападна Украина, Столтенберг се осврна на присуството на источното крило.
Меѓу другото, Столтенберг наведе дека на самитот на НАТО што ќе се одржи следниот месец во Мадрид, ќе се донесат храбри одлуки за приспособување на сојузниците на поопасен и поконкурентен свет.
- Економска зависност од Кина и Русија -
Осврнувајќи се на употребата на кинеската технологија во мрежите 5G и проектот „Северен тек 2“, Столтенберг рече дека украинската војна ги научила дека економската зависност од авторитарни режими ќе доведе до голема кревкост, од аспект на енергетска криза.
„Западните земји не треба да ја менуваат својата безбедност за економски профит. Мораме да прифатиме дека нашите економски избори имаат последици за нашата безбедност. Слободата е поважна од слободната трговија“, нагласи Столтенберг.