Ahmed Asmar
23 Април 2025•Ажурирај: 23 Април 2025
АНКАРА (АА) - Министерот за финансии на Израел и началникот на Армијата се судрија околу дистрибуцијата на хуманитарна помош во Газа, додека Тел Авив продолжува со задушувачката блокада на разурнатата од војна енклава, јавија денес израелските медиуми, пренесува Анадолу.
За време на состанокот на израелскиот безбедносен кабинет синоќа, министерот за одбрана Израел Кац рекол дека Тел Авив ќе мора да продолжи со испораката на хуманитарна помош во Газа во рок од две недели.
Како одговор, началникот на Армијата, Ејал Замир, истакнал дека војската нема да биде одговорна за дистрибуцијата на помошта во палестинската енклава, предизвикувајќи лутина кај министерот за финансии од крајната десница, Безалел Смотрич.
„Војската не ги бира своите мисии“, одговори Смотрич. „Ви прецизиравме дека треба да се подготвите за ова. Ние ќе одлучиме за целта, а вие ќе одлучите како да ја реализирате.“
„Ако не сте способни, ќе донесеме некој што е способен, ако не знаете како да го направите тоа, ќе најдеме некој што знае“, рече министерот од крајната десница.
Од 2 март, Израел ги затвори граничните премини на Газа, блокирајќи го влезот на основните производи во енклавата и покрај повеќекратните извештаи за глад на територијата уништена од војната.
Израелската Армија го продолжи нападот врз Газа на 18 март, прекршувајќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила на 19 јануари.
Израел уби речиси 51.300 Палестинци во енклавата од октомври 2023 година, од кои повеќето жени и деца.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.